Serbian English Macedonian Russian
Jun 02

БИТКА ЗА ЗАГАРАНТОВАНА МЕСТА

 

ivan-kocka

blanck

 logo-vecer

02.06.2010.

ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ НАСКОРО НА ЗАЕДНИЧКА МАСА   ЗА ЗАГАРАНТИРАНИТЕ КВОТИ


МАЛИТЕ ЗАЕДНИЦИ ПРЕКУ НОВ УСТАВ ДО ПОВЕЌЕ ПРАТЕНИЦИ


Србите, Турците, Власите, Ромите и Бошњаците ќе добијат десет загарантирани места во Парламентот, но пратениците од овие етнички заедници кои се дел од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите партии од македонскиот блок ќе немаат право да гласаат за закони за кои е потребно Бадинтерово мнозинство.

Нови уставни измени со кои ќе се обезбедат загарантирани места во Собранието за пратеници од помалите етнички заедници. Ова може да биде епилогот од разговорите што ги водат на оваа тема ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, партиите на немнозинските заедници и ДУИ како најбројна партија во Собранието од албанскиот политички блок.

Можно е лидерите на четирите најголеми политички партии и на оние на помалите етнички заедници на заедничка средба идната недела да разговараат за изнаоѓање компромисно решение за моделот на уставни измени.

Веројатно ќе се оди на варијантата помалите етнички заедници, Срби, Турци, Власи, Роми и Бошњаци да добијат десет загарантирани места во Собранието, меѓутоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и останатите партии од македонскиот блок кои се припадници на некоја од овие зедници да немаат право да гласаат за закони што се донесуваат со Бадинтерово мнозинство. На овој начин би се задоволило и барањето на ДУИ и на Албанците за ненарушување на принципот на Бадинтер, односно пратениците Албанци повторно ќе ја имаат доминантната улога при изгласувањето закони со двојно мнозинство. Ова би се направило, бидејќи имајќи го предвид етничкиот состав на другите политички партии, може да се случи бројот на народните избраници од помалите етнички заедници да има големо влијание при гласањето на законите со Бадинтер.

Според партиски извори во ДУИ ова би значело менување на Уставот, бидејќи со највисокиот акт на пратениците им е загарантирано правото на глас без разлика на полтичката партија или етничката заедница на која и припаѓаат.
- Очекувам дека македонските политички партии ќе го поддржат предлогот. Останува да се убеди само ДУИ дека гарантираните места нема да го нарушат Бадинтеровото мнозинство, односно нема да го нарушат влијанието на Албанците во политичкиот живот кога станува збор за носење одлуки со двојно мнозинство. Бадинтеровото мнозинство би се релативизирало доколку македонските политички партии на нивните листи стават пратеници од другите етнички заедници. Од тој аспект е разбирливо барањето на ДУИ, изјави вчера лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ.

Од ДУИ пак порачаа дека се отворени за разговор за да се постигне консензус. Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците, пак, смета дека помалите етнички заедници имаат легитимно право да бараат загарантирани пратенички места исто како што ДУИ има легитимно право да го штити принципот на Бадинтер.

- На тој начин би обезбедиле не само влез во Собранието, туку тоа би било и одраз на реалната политичка моќ која кореспондира со бројот на населението, вели Хасипи.

- Консензусот освен со партиите на помалите етнички заедници да се направи и со останатите политички партии во парламентот, како и со коалицискиот партнер. Секоја варијанта што не му штети на Бадинтеровото мнозинство, за нас е прифатлива, вели Рафиз Алити од ДУИ.

(Г.Ма)


logo vest

02.06.2010.

СТОИЉКОВИЌ КАЈ АХМЕТИ ПО ПОДДРШКА ЗА ГАРАНТИРАНИ ПРАТЕНИЦИ


СРБИТЕ И АЛБАНЦИТЕ ВО КОАЛИЦИЈА ЗА МАНДАТИ


Пра­те­ни­кот Иван Стоиљковиќ деновиве ќе оди во Тетово, на средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, да ја добие поддршката од оваа партија за квотата од десет пра­те­нич­ки места за помалите етнички заедници во Македонија, предлог на СДСМ, за кој има согласност и од ВМРО-ДПМНЕ.

Пра­те­ни­кот Стоиљковиќ е оптимист дека од името на помалите етнички заедници ќе пре­зен­ти­ра убедливи аргументи за да ја добие согласноста на ДУИ за измените на Из­бор­ни­от законик. Тој тврди дека со ДУИ на маса ставиле неколку предлози со кои ќе се премостат разликите.
"Јас сум убеден дека Али Ахмети ќе нè поддржи во овој потфат да обезбедиме со­од­вет­но претставување на помалите етнички заедници во Парламентот. Ние имаме за­ед­нич­ки цели, и треба да се помагаме", вели Стоиљковиќ.
Спо­ред него, ако има политичка волја, можно е да се постигне решение кое ќе ги за­до­во­ли барањата на помалите етнички заедници и да не се наруши Бадентеровиот прин­цип на одлучување.
"Не сакаме да го рушиме Бадентеровото гласање. Ќе го убедам Ахмети дека тоа нема да се случи. Една можност е по принципот на Бадентер да гласат само пратениците из­бра­ни од квотата, а не и другите кои во Парламентот ќе се изберат од листата на дру­ги­те партии. Секогаш можат да се најдат паметни решенија", смета Стоиљковиќ.


И пратеникот на ДУИ Рафиз Алити потврди дека разговараат со пратениците од по­ма­ли­те етнички заедници за квотите.
"Пред­ло­гот само пратениците од квотата да можат да гласат со Бадентер, верувам де­ка може да биде прифатлив за нас и за претставниците на помалите етнички за­ед­ни­ци", вели Алити.
Вак­ви­от компромис е прифатлив и за пратеникот на Турската демократска партија Ќе­нан Хасипи, кој очекува решение со кое ќе се зголеми бројот на пратениците од по­ма­ли­те етнички заедници, а нема да се загрози Бадентер. Н.С.

 

novamakedonija logo

среда, 2.6.2010.

ДУИ ќе попушта за изборниот законик


Можен е договор за изборниот законик со гарантирани места за помалите етнички заедници


Собранието може да добие уште 10 нови пратенички места за помалите етнички заедници, но тие да не можат да учествуваат во двојното гласање според Бадентеровиот принцип за оние закони за кои тој е задолжителен. Ова е компромисот што владејачката ДУИ најверојатно ќе го прифати за сметка на поддршката на партијата на Али Ахмети на измените на изборниот законик што ги предложи опозициската СДСМ, а кои генерално беа прифатливи од сите партии, но само доколку со тоа се согласат албанските пратеници.

- Со ДУИ сме во постојан контакт и можеме да констатираме дека има напредок во разговорите со нив во функција на постигнување поголем политички консензус. Од тезите што излегоа од разговорите јасно е дека ДУИ би го прифатила изборниот законик со гарантирани места единствено ако според Бадентер имаат право да гласаат само пратениците што ќе бидат избрани на национални листи. Односно кандидатите од која било друга национална заедница на листите на другите партии да немаат право на Бадентеров глас - изјави Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите.


Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, иако пред три години го нудеше истиот предлог за загарантирани квоти во парламентот за етничките заедници споменати во Преамбулата на Уставот, се консолидира со својот коалициски партнер, кој смета дека со ваквиот предлог на СДСМ ќе се загрози заштитниот механизам за правата на албанската етничка група во Македонија. Дека има одреден напредок во преговорите за измените потврдуваат и од ДУИ.


- Отворени сме за иницијативата, со тоа што за ДУИ е прифатлива само опција што не е на штета на Бадентеровиот принцип - изјави Рафиз Алити од ДУИ.


Во пресрет на собраниската расправа за измените на изборниот законик со свои предлози излегоа и актуелните пратеници од помалите пратенички групи. Тие бараат гаранција од најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека нема да ги злоупотребат посебните листи за пратеници за помалите етнички заедници со тоа што на ваквите листи ќе постават свои кандидати.


- За да се избегне можноста и покрај најавените промени на изборниот законик големите партии пак да ги злоупотребат помалите етнички заедници, од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, бараме гаранции дека нема да стават на своите листи кандидати од помалите етнички заедници - изјави Кенан Хасипи од партијата на Турците.



СДСМ со измените на изборниот законик предлага бројот на пратеничките места во Собранието од 120 да порасне на 133, и тоа: 120 пратеници да се избираат како и досега, по пропорционален модел во шест изборни единици, тројца пратеници да бидат избрани од дијаспората, додека пак 10 места да бидат загарантирани за помалите етнички заедници по пропорционален модел и за нив целата територија на Македонија да биде една изборна единица. Според предлогот, четворица пратеници би добиле Турците, по двајца Србите и Ромите и по еден пратеник Бошњаците и Власите. Листа на кандидати за пратеници од овие квоти ќе може да се состави со поддршка од 200 избирачи. Граѓаните на чинот на гласање ќе добијат едно гласачко ливче со два дела: еден за изборната единица каде што листите на пратеници ќе бидат означени со бројки и еден за помалите етнички заедници каде што листите ќе бидат означени со букви. Избирачот ќе мора да се одлучи дали својот глас ќе го даде на листата на кандидати од изборната единица, или пак ќе гласа како припадник на помала етничка заедница за некој од кандидатите на дополнителните листи. Во спротивно, доколку се заокружат и број и буква, гласачкото ливче е неважечко.

Автор: К.Н.


 vreme_logo

02.06.2010.

СТОИЉКОВИЌ ЌЕ СЕ ЖАЛИ ВО СОВЕТОТ НА ЕВРОПА


МАЛЦИНСТВАТА ПРИТИСКААТ ЗА ФИКСНИ МАНДАТИ


Помалите етнички заедници не се откажуваат од воведување десет гарантирани мандати за малцинствата, иако иницијативата на СДСМ не ја поддржува ниту една партија од парламентарното мнозинство. Тие вчера во Собранието побараа поддршка од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се најде соодветно решение што на помалите заедници ќе им овозможи влез во парламентот.

Пратеникот Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите, вели дека се подготвени да поведат постапка и пред Советот на Европа, кој е задолжен да ги штити малцинските права, доколку не се обезбеди политички консензус за ова прашање.

Стоиљковиќ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и поголемите опозициски партии би ја дале својата поддршка ако ДУИ се согласи за измени во Изборниот законик и информираше дека во тек се интензивни разговори со ДУИ и со другите албански партии за наоѓање решение. - Останува само да ја убедиме ДУИ дека промените во Изборниот законик нема да го нарушат Бадентеровото мнозинство, односно нема да го намалат влијанието на Албанците во политичкиот живот во Македонија кога станува збор за донесување одлуки со двојно мнозинство - вели Стоиљковиќ.


Од ДУИ потврдуваат дека се подготвени на компромис ако се гарантира Бадентеровото мнозинство и повторија дека партијата се залага да ги избира своите претставници во Собранието на отворени листи.

- Подготвени сме да ја поддржиме секоја варијанта што нема да биде на штета на Бадентеровото мнозинство. Во моментов се водат разговори со лидерите на помалите етнички заедници за да се најде соодветно решение. Нашиот став ќе го кажеме многу брзо - рече Рафиз Алити.

Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците вели дека е потребно да се изработи ново решение, кое ќе обезбеди рамнотежа на политичката моќ на сите заедници во Македонија.

Ј.Д.

02.06.2010.

 

 

blanck
Автор: InDesign™
Печати PDF

glas_rusije_logo12

Глас Русијe

на српском језику

Међународни радио

Србија

Глас Америке

на српском језику

2010 © InDesign™. Сите права се задржани.