Serbian English Macedonian Russian
Dec 25

МАКЕДОНСКИТЕ СРБИ ВО БОРБА ЗА ПОЛИТИЧКА ПРЕВЛАСТ

karikatura


blanck

 

ОБЈАВЕНО ОД ИНТЕРВЈУТО НА ИВАН СТОИЛКОВИЌ ЗА “ПУБЛИКА

САБОТНО ПРИЛОГ-ИЗДАНИЕ НА ДНЕВНИОТ ВЕСНИК “ДНЕВНИК”

 


ПУБЛИКА:
Дали сметате дека Србите во Македонија се третирани на исто ниво како и останатите малцинства?

СТОИЛКОВИЌ: Во услови кога рамништата во политиката зависат од процентуалното учество на националните заедници во структурата на населението, невозможно е да се зборува за рамноправен третман. Српскиот верски идентитет речиси и да не постои, јазичниот идентитет е доведен во фаза на замирање и исчезнување, а ни се оспорува и културното наследство, а со тоа и автохтоноста на овие простори.

КОШУТИЌ: Согласно Уставот и законите, мислам дека Србите во државава се третирани идентично како и припадниците  на другите малцинства. Но, проблем е како истите тие закони се спроведуваат, што е предмет на поширока дебата. Апсолутно е потребна поголема динамичност во имплементација на со Устав и законските прописи  загарантираните права на малцинствата во Македонија.

 

ПУБЛИКА: Дали политичките претставници на Србите се само обичен приврзок на големите партии при составувањето на изборните листи и партиципирањето во власта или тие, досега, но и сега, се реални партнери што преку позицијата се борат да им го подобрат статусот на Србите во државава?

СТОИЛКОВИЌ: Ние сме политички субјект кој свесно влегува во коалиција, а во коалициите постојат правила и договори. Да беше реализирана идејата за гарантираните мандати нашите политички позиции ќе беа далеку поинакви. Ние се однесуваме според правилото: сигурни сојузници, незгодни партнери. Тоа важи и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, но несомнено е дека далеку подобар третман имаме сега во коалицијата сссо ВМРО-ДПМНЕ.

КОШУТИЌ: ДПСМ од своето основање го одржуваше својот идентитет и автономија без давање можност некоја политичка опција да ја земе и кон неа да се однесува како со приврзок. Се надевам дека и актуелното раководство на ДПСМ ќе истрае на тој пат. Мој личен став е српските партии во Македонија да одат со самостоен настап на избори, со претходно консолидирање на гласачко тело. Но тоа би бил малку потежок пат, бидејќи е голема вмешаноста на поединечните интереси што јас го осудувам.

 

ПУБЛИКА: Дали ДПСМ е единствената и најдобра политичка опција, т.е. преставник на Србите во државава или тоа може и треба да биде некој друг, поради нарушен кредибилитет (ако е тоа така) на ДПСМ кај Србите во Македонија?

СТОИЛКОВИЌ: ДПСМ е најрелевантна политичка партија на Србите во Република Македонија. Другите субјекти на Србите - досега не одиграа ни епизодна улога во одбрана и афирмација на српските интереси во Македонија. ДПСМ многу високо го крена скалилото за политичкото претставување на Србите.

КОШУТИЌ: Како што реков, за одреден политички кредибилитет одлучуваат гласачите на избори. Што се однесува до тоа дека ДПСМ е единствената политичка партија на Србите,  тоа фактички е така, но во иднина тоа ќе биде онаа партија што максимално ќе понуди и ќе работи на спроведувањето на интересите на српската заедница во Македонија.

 

ПУБЛИКА: Со оглед на тоа што од вториот попис во Македонија, до последниот попис, Србите од над 50 иљади се паднати на 36 иљади, дали стравувате дека на пописот во април 2011. година, може да се случи овој пад на продолжи, како последица на летаргичниот однос на политичките преставници на Србите во однос на своето гласачко тело?

СТОИЛКОВИЌ: Во Македонија постои долгогодишна повеќеслојна и повеќезначна смислена антисрпска политика на политичките елити, поткрепена со летаргичен однос на српската држава кон сопствениот народ во Македонија. Скандалозното однесување на Шеќеринска во суштина е смислена политичка порака кон Србите дека нема да можат да ги остварат своите интереси и цели доколку на пописот се изјаснат како Срби.

КОШУТИЌ: Не се работи само за летаргичниот однос туку за овозможување на релаксирана клима кај граѓаните за слободно изјаснување  без политички влијанија. Верувам дека тоа ќе се случи на наредниот попис.

 

Скопје, 25.12.2010.

Бобан Нонковиќ

 

 

 

ЦЕЛОСНО ИНТЕРВЈУ НА ИВАН СТОИЛКОВИЌ

ОД КОЕ ШТО СЕ ИЗВЛЕЧЕНИ ФРАГМЕНТИ ЗА “ПУБЛИКА

САБОТНО ПРИЛОГ-ИЗДАНИЕ НА ДНЕВНИОТ ВЕСНИК “ДНЕВНИК”


ПУБЛИКА:
Дали сметате дека Србите во Македонија се третирани на исто ниво како и останатите малцинства?

СТОИЛКОВИЌ: Со влегувањето во Преамбулата на Уставот на РМ Србите формално и правно веќе се изедначени со припадниците на останатите малцинства, но српското национално ткиво, за разлика од другите етнички заедници кои беа признаени уште од првите денови на македонската држава, долго закрепнуваше од таа несфатлива неправда, многу време потрошивме на борба за „легализирање„ на сопствениот идентитет, да не бидеме останати, туку тоа што сме, Срби, чувствувајќи се измамено, отфрлено и до крајна мерка понижено од државата во која што живееме.

 

Ова остави забележителни последици врз развојот на организациона структура на нашиот народ, со кои што најбрутално се соочив кога бев избран за претседател на ДПСМ. Знаете, ако сакате да одите напред морате да имате јасен план со долг континуитет, кога ќе решите еден проблем, сте затвориле една приказна и морате веднаш да преминете на нова, значи морате постојано да ги обновувате ресурсите, пред се човечки, потребно е внесување на нова енергија, нови идеи, млади луѓе, што ние во ДПСМ го направивме, не дозволивме партијата да се претвори во клуб на вечни незадоволници изгубени во просторот и времето, ДПСМ се прочисти и од кадрите кои посегнаа по нелегални форми на практикување на функции на кои што ги именувавме, воспоставивме нови приоритети согласно со горечките проблеми на српскиот народ, и до денес сталожено, трпеливо и користејќи ги сите механизми на притисок, во рамките на институциите континуирано работиме на унапредување на положбата на српската заедница.

 

Третманот на српскиот народ по многу нешта се разликува од третманот на другите заедници во Република Македонија. Без оглед на фактот што темелите на македонската држава се удрени дури во 1944. година, што значи дека Србија фактички никогаш не владеела со Македонија туку со територијата на која што подоцна е формирана македонската држава, Србите, според комунистичката практика долго време се претставувани како омразени деспоти и освојувачи на Македонија, еден непријателски елемент. Потоа, против нашата матица долго време се водеше најпрвин перфидна медиумска, а потоа и вистинска крвава војна, Србите беа претставувани како геноцидни агресори од најлош вид, а Србија како општество со толку криминална и крвничка власт што треба воено да се интервенира против неа. Бидејќи сме Срби, под влијнаие на силната антисрпска кампања странските невладини организации кои го поддржуваа развојот на невладиниот сектор на малцинствата во државата не одминуваа како да сме лепрозни, а нашата Матица беше премногу истоштена за да ни помогне, напротив, ние секојдневно организиравме акции за ние да им помогнеме на сонародниците во Србија, на секој начин. Во амбиентот се вклопи и тогашната македонската власт, држејќи не постојано некаде „на страна„.

 

Промените во Србија донесоа нов квалитет во нашите односи. Господинот Зоран Ѓинѓиќ ширум ни ја отвори закрилата на српската Влада и тогаш почувствуваме што значи практична поддршка на Матицата, заедно работевме на унпредување на Партијата, нејзино зацврстување во македонскиот политички амбијент, а политичката соработка помеѓу нашите партии резултираше со забрзано фаќање чекор во борбата за остварување на нашите права. Следната светла личност, со конструктивен пристап кон Србите во Македонија беше амбасадорката на Република Србија, госпоѓа Бисерка Матиќ Спасојевиќ, дипломат со визија, знаење и волја да се вклучи во решавањето на насобраните проблеми на српската заедница, да не здружи и соедини на иста задача. Во времето на Владата на господинот Коштуница Србија имаше одлични односи со Владата на РМ, што конечно создаде амбијент за слободен развој на српските политички и невладини организации и расчистување со антисрпското расположение во македонското општество.

Во услови кога рамништата во политиката зависат од процентуалното учество на националните заедници во структурата на населението, невозможно е да се зборува за рамноправен третман. Податоците од последниот Попис на населението покажуваат дека секој втор Србин бил со средно образование, 1.355 со вишо, 3.074 со високо, 87 магистри и 56 доктори на науки, односно над 60 проценти Срби беа со образование  повисоко од основното. Со таква образовна структура не може да се пофали ни една друга национална заедница. Затоа соодветната и правична застапеност во квантитативна смисла на зборот не може да ја „задоволи„ ваквата образовна структура, бидејки според пописните податоци, во вкупната структура на населението учествуваме со само 1,8 проценти. 


Што се однесува до индивидуалните права и слободи, тука Србите ја делат судбината со сите граѓани на Република Македонија. Во остварувањето на колективните права од кои зависи нашиот национален, културен, јазичен и верски идентитет, состојбата е поразителна. Во отвореното писмо до дипломатскиот кор напишав дека српскиот верски идентитет речиси и да не постои, јазичниот идентитет е доведен во фаза на замирање и исчезнување, а ни се оспорува и културното наследство, а со тоа и автохтоноста на овие простори. Асимилацијата и вештачки се поттикнува, а белата куга која не зафати влече свои корени и од економско социјалната положба. 

ПУБЛИКА:
Дали досегашните и сегашните политички претставници на Србите во Македонија се потрудиле доволно за да им го подобрат статусот на Србите во Македонија?

СТОИЛКОВИЌ:
До влегувањето на ДПСМ во Парламентот имавме по некој политички претставник во локалната самоуправа. Структурата на луѓето што тогаш ја водеа Партијата беше таква што, заради лошата политика, објективно не можеа да влијаат за подобрување на статусот на Србите. Се разбира, не можете само да лелекате дека на Србите не им е добро, туку морате да осмислите политички механизми како да го „освоите„ она што ви припаѓа, не само квантитативно туку квалитативно, со луѓе што што поседуваат соодветно образование и се подготвени својот капацитет да го стават во полза на својата заедница и постојано да ги зголемуваат барањата до владата, се до постигнување на апсолутна правичност и рамномерна застапеност во сите структури на општеството. Едно е да имате амбиција да се занимавате со некоја работа, а друго вистински да се зафатите со целосно решавање на положбата и проблемите на еден народ, чија судбина речиси цела деценија била во рацете на амбициозни бадијалџии и  ноторни аматери во политиката.

 

Во рамките на коалиционите договори ние успеавме од мртва точка да кренеме многу прашања, но уште сме многу далеку од статусот што Србите во Македонија го  посакуваат и заслужуваат да го имаат и како автохтон народ и како конститутивен елемент на македонската држава. Но процесот бесповратно е започнат и Србите во Македонија веќе се свесни од потребата да се здружат во моќна организирана политичка сила која тврдо ќе застане во одбрана на нивните интереси. ДПСМ како таква го црпи својот легитимитет од народот, а довербата која и на Партијата и на мене како лидер на Србите повеќепати ни е дадена значи дека српскиот народ е задоволен од нас и верува дека со нас може да оди напред.



ПУБЛИКА:
Која од политичките елити во Македонија: ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, за време на своето владеење, но и како опозиција, има(ат)ле подобар однос кон малцински заедници и во случајов кон Србите?


СТОИЛКОВИЌ:
Несомнено е дека далеку подобар третман имаме сега во коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, отколку порано со СДСМ. Во овој мандат Србите освен пратеник, имаат и заменик министер, повеќе директорски места, повеќе вработувања во државната и јавна администрација врз основа на принципот на соодветна и правична застапеност, адекватно почитување на коалиционен договор и изразена меѓусебна солидарност и соработка. Да Ве потсетам дека Св.Сава е прогласен за државен празник на Србите во Македонија, донесен е Законот за правата на заедниците, формирана е Агенција за правата на заедниците, а во меѓувреме српскиот јазик и покрај формалните пречки е прогласен за јазик во службена употреба во општините Куманово и Старо Нагоричане. 

ПУБЛИКА: Дали политичките претставници на Србите се само обичен приврзок на големите партии при составувањето на изборните листи и партиципирањето во власта или тие, досега, но и сега, се реални партнери што преку позицијата се борат да им го подобрат статусот на Србите во државава?


СТОИЛКОВИЌ:
Ние сме политички субјект кој свесно влегува во коалиција, со мандат директно од нашите гласачи. И не само ние, тоа го прават и партиите на Турците и Ромите. А во коалициите постојат правила и договори. Да беше реализирана идејата за гарантираните мандати нашите политички позиции ќе беа далеку поинакви. Ние се однесуваме според правилото: сигурни сојузници, незгодни партнери, а ако треба и лути противници. Тоа важи и за ВМРО ДПМНЕ и за СДСМ и тоа се покажало повеќепати во практика. За каков приврзок тука станува збор? Живееме во демократско општество и секој политички субјект, според концептот на предстојните развојни планови, својот коалиционен капацитет, искуствата од претходната соработка и секако, искажаната позитивна волја да се излезе во пресрет на барањата на партнерот со преземање на конкретни решенија, има право рамноправно да се здружи со поголеми или помали партии. Навредувачки и тенденциозно е некого кој што од реални причини секако не може сам да излезе на изборите да го нарекувате нечиј приврзок.

 


ПУБЛИКА:
Дали ДПСМ е единствената и најдобра политичка опција, т.е. преставник на Србите во државава или тоа може и треба да биде некој друг, поради нарушен кредибилитет (ако е тоа така) на ДПСМ кај Србите во Македонија?


СТОИЛКОВИЌ:
Кој мислеле дека треба, Србите го избрале. Кога ќе дојде време за повторно давање на довербата, Србите повторно ќе изберат. Се знае кој го дава мандатот. Инаку, не знам за чиј нарушен кредибилитет зборувате. ДПСМ е најрелевантна политичка партија на Србите во Република Македонија. Другите субјекти на Србите - досега не одиграа ни епизодна улога во одбрана и афирмација на српските интереси во Македонија. ДПСМ многу високо го крена скалилото за политичкото претставување на Србите во политичкиот живот на Македонија. Не сакам да сум пречка никому, меѓутоа, не сакам да бидам ни човек кој некому на тацна ќе му го предаде се она што ДПСМ го постигна како парламентарна партија. Впрочем, кредибилитетот се проверува на избори, тука не го испуштам од вид и големиот коалиционен капацитет на ДПСМ.



ПУБЛИКА:
Кои се отворени прашања на државата Македонија кон Србите во државава?

СТОИЛКОВИЌ:
Мислам дека веќе одговорив на ова прашање. Но, тогаш испуштив да речам дека македонската заедница во Србија има неспоредливо подобра материјална положба отколку што ја имаме ние Србите во Македонија. Од Буџетот на Србија се одделуваат значајни средства за работа на Националниот совет на Македонците во Србија.
На 6. јули 2004. година во Скопје е потпишана спогодба за заштита на српското малцинство во Македонија и македонското малцинство во Србија. Со нејзината реализација требаше да се затворат многу отворени прашања од информирање до образование и други, но за одговор на прашањето зашто работите не се мрднати од место, ќе се обратите на друга адреса.


ПУБЛИКА:
Со оглед на тоа што од вториот попис во Македонија, до последниот попис, Србите од над 50 иљади се паднати на 36 иљади, дали стравувате дека на пописот во април 2011. година, може да се случи овој пад на продолжи, како последица на летаргичниот однос на политичките преставници на Србите во однос на своето гласачко тело?


СТОИЛКОВИЌ:
Зарем она што ви го кажав за вкупната положба и за социјалниот и материјалниот статус на Србите може да се подведе под летаргичен однос на нивните политички претставници? Во вашето прашање постои замена на тезите - во Македонија постои долгогодишна повеќеслојна и повеќезначна смислена антисрпска политика на политичките елити, поткрепена со летаргичен однос на српската држава кон сопствениот народ во Македонија. Скандалозното однесување на Шеќеринска во суштина е смислена политичка порака кон Србите дека нема да можат да ги остварат своите интереси и цели доколку на пописот се изјаснат како Срби. Ние од своја страна како ДПСМ ќе направиме се резултатите од пописот да бидат поафирмативни од предтходните. Овој пат се изборивме за наш, српски претставник во ДПК и за поголемо присуство и учество во пописниот процес согласно Законот. Тука нема никаква летаргија, напротив. Крајно сериозно сме вклучени во овој процес.


ПУБЛИКА:
Дали треба политичките преставници на Србите во Македонија да продолжат како приврзок да одат на листите на поголемите партии, или да се обидат самостојно да се борат за гласовите на своите подржувачи, кои би можеле да им донесат едно до две места во парламентот, наместо досегашното едно место (ова во случај ако продолжи сегашниот изборен модел, без да се воведе листа за малцинствата)?

СТОИЛКОВИЌ:
Вие упорно продолжувате со тоа „политички приврзок“. Верувам дека знаете дека во Македонија има шест изборни единици и дека знаете каква е регионалната концентрација на Србите во Републиката. Со сегашниот Д’Онтов изборен модел ние објективно имаме пречка да бидеме парламентарна Партија. Кога Македонија би била една изборна единица или кога би се вовеле гарантираните мандати, тогаш ниту една од националните заедници не би морала да коалицира на изборите со најголемите и највлијателните партии, а по изборите би можела да преговара, со оние кои претендират да добијат мандат за состав на владата. До тогаш за српскиот корпус е лошо да се биде во опозиција. Впрочем, чија е идејата за гарантирани места и кој е најголемиот поборник за реализација на овој концепт? Се надевам дека на никого нема да му падне на памет да ми го оспори авторството на оваа политичка идеја во Македонија.




Скопје, 22.12.2010.


Иван Стоилковиќ


Претседател на ДПСМ

Пратеник во Собранието на РМ


Појаснување од dpsm.info:


ИВАН СТОИЛКОВИЌ - актуелен претседател на ДПСМ, со трет мандат, Пратеник во Собранието на РМ, Комитет за односи меѓу заедниците - член, Буџетски совет на Собранието - член, Комисија за уставни прашања - заменик член, Законодавно-правна комисија - заменик претседател, Комисија за одбрана и безбедност - член,  Делегација на Собранието на Република Македонија во парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (Мешовит парламентарен комитет ЕУ - Република Македонија) - член,

Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Руската Федерација - член, Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина - претседател, Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Србија - член.


ДЕЈАН КОШУТИЌ - извршен директор во ERA CITY, поранешен функционер на ДПСМ - Заменик министер за транспорт и врски - исклучен од ДПСМ, претставник на Србите од Македонија во Собранието на дијаспората и Србите од регионот при Министерството за дијаспора во Република Србија - со кандидатурата оспорена од НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ НА СРБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА - кровната организација на Србите од Македонија, претседател на новоформирана невладина организација со нескриени политички амбиции ЦЕНТРАЛНИОТ СОВЕТ НА СРПСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА - која себеси се претставува како кровна организација на Србите во Македонија во услови кога кровната организација на Србите во РМ, односно НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ НА СРБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, веќе постои, легално е регистиран и во него се здружени повеќето од српските невладини организации во Македонија.



 

blanck
Автор: InDesign™
Печати PDF

glas_rusije_logo12

Глас Русијe

на српском језику

Међународни радио

Србија

Глас Америке

на српском језику

2010 © InDesign™. Сите права се задржани.